Најдобрата тенисерка на сите времиња, Серена Вилијамс, ќе настапи на првиот гренд слем во новата сезона, Отвореното првенство на Австралија, објави директорот на турнирот, Крег Тили.

Серена минатата година ја освои титулата во Мелбурн, а потоа поради бременоста ја заврши сезоната. Во септември таа го роди своето првото дете, ќерката Олимпија Алексис Оханијан, а потоа ги започна подготовките за новата сезона.

„Таа има посебна врска со Австралија опен. Сака да се врати во 2018 и да ја брани титулата. Има уште неколку месеци до почетокот на турнирот и од неа зависи колку ќе биде подготвена“, рекол Тили, пренесува „Макфакс“.

Директорот на турнирот потврдил дека ќе настапи и Енди Мареј откако поради повреда на колкот сезоната ја заврши во август.

Австралија опен за 2018 го зголеми наградниот фонд 10 отсто, што значи дека победниците во машка и женска конкуренција ќе добијат по четири милиони австралиски долари (2,4 милиона фунти).

OhridNews