Серена Вилијамс и Марија Шарапова ќе играат во финалето на Отвореното тениско првенство на Австралија. Првата и втората носителка на турнирот во полуфиналните мечеви славеа над своите сонароднички, Серена против Медисон Киз, а Шарапова против Екатерина Макарова.


Серена во дуелот со 19-годишната Киз, која во текот на турнирот ги елиминираше Петра Квитова и венус Вилијамс, славеше со 2:0 (7:6, 6:2).

Серена мечот го заврши со 19 директни поени и 16 неизнудени грешки, додека тој однос кај Киз изнесуваше 27/39.

Во два сета полуфиналето го мина и Шарапова која со 6:3, 6:2 ја победи Макарова која до полуфиналето немаше загубено ниту еден сет.

Мечот траеше 78 минути, Шарапова имаше 23 винери и 26 неизнудени грешки, додека Макарова мечот го заврши со само 11 винери и 29 грешки.

Шарапова се избори за своето четврто финале во Мелбурн, таа ги губеше финалињата од Серена Вилијамс (2007) и Викторија Азаренка (2012), а во 2008 ја совлада Ана Ивановиќ.

Серена во сабота ќе се бори за својата 19-та грен слем титула, а шеста во Мелбурн. Американката е ’ноќна мора’ за Шарапова бидејќи во меѓусебните дуели води со 16:2, вклучувајќи ги двете нивни соочувања во минатат сезона (Бризбејн и Мајами).

Во финалето кое го одиграа во Мелбурн во 2007 година Серена Вилијамс победи со 6:1, 6:2.

„Макфакс“