Серијата без пораз на Охрид се зголеми на седум натпревари, откако „гладијаторите“ ремизираа со Металург 29-29 (17-13) во дерби средбата од осмата рунда од ракометната Супер лига.

Иако ремито е добар резултат, охридските ракометари можат да жалат за останатите два бодови и победата, бидејќи поголем дел од мечот имаа водство и контрола на мечот.

Ракометарите на Охрид во спортската сала Автокоманда го одиграа најдоброто полувреме и на одмор заминаа со предност од четири погодици (17-13).

Во вториот дел, домаќините се консолидираа но Охрид продолжи со играта без респект и ја одржуваше предноста. Дури во финишот, Металург ја надополни негативата и успеа да поведе но охриѓани не се предадоа и стигнаа до заслужен бод во Скопје.

Металург го одбрани тронот во Супер лигата но вистинскиот тест за лидерот ќе биде гостувањето во Охрид во вториот дел од сезоната.

Денис Тот со 8 голови беше најефикасен во составот на Охрид а седум реализираше Филип Кривокапиќ. Пет пати противничката мрежа ја погоди Бобан Блажески. Во тимот на Металург шест голови постигна Маријан Мариќ.

Во следната рунда Охрид на домашен терен на 6 ноември го пречекува тимот на Металург 2, по што на 10 ноември, недела во дербито на колото, исто така на домашен терен, се среќава со Пролет. Натпреварот ќе биде од посебно значење бидејќи навивачката група „Рибари“ ќе го прослави јубилејниот 30-ти роденден.

OhridNews