Мрестилиштата на Хидробиолошкиот завод од Охрид, каде на почетокот од месецов се случи помор на пастрмка поради недостаток на свежа вода, и натаму се снабдуваат со вода која се обезбедува со дополнителен ангажман на пумпната станица кај Метропол.

-Вода за мрестилиштата „Проаква“  обезбедува со вклучување во функција на пумпната станица Метропол, што предизвикува дополнителни трошоци за јавното претпријатие. Останува отворено прашањето како трајно ќе се обезбедат потребните количини вода неопходни за научната институција, информираат од „Проаква“.

Оттаму посочуваат дека „Проаква“ е отворена за соработка со цел да се изнајде решение за проблемот кој, според јавното претпријатие, е предизвикан од долготрајната суша. Истовремено, „Проаква“ предупредува дека решението треба брзо да се изнајде, во спротивно трошоците за потрошената вода за мрестилиштата на Хидробиолошкиот завод, ќе мора да ги надомести научната установа.

Како што веќе информиравме, за стабилно и соодветно снабдување со свежа вода на мрестилиштата на Хидробиолошкиот завод се потребни околу 65 литри вода во секунда, кои сега се обезбедуваат од водоводниот систем на „Проаква“, бидејќи издашноста од Билјанините извори од каде се обезбедуваше свежа вода за пастрмките кои се одгледуваат во инсталациите на научната установа е дрстично намалена, а поради сушата нивото на подземните води е спуштено за околу 4 метри поради што водата понира и се губи.

OhridNews