Не се сите туристи – туристи, како што и сите охриѓани не се туристички работници. Од овие вторите поголемиот дел се обични граѓани кои ги почитуваат гостите и имаат разбирање и за нив и за туристичките работници, но неретко се приморани да ги трпат последиците од „туризмот“ и немањето елементарно ниво на култура на поединци. Ова особено е изразено во колективните станбени згради, кои никнуваат како печурки, каде становите наменети за домување се рентаат на туристи, најчесто од непознати газди, на уште понепознати лица. Тие пак покрај секојдневното малтретирање на соседите со гласна музика, пијанки и други форми на „забава“ покажуваат и крајно некоректен однос кон инвентарот и заедничките простории, дворовите, паркиралиштата и животната средина. Отпадоците, како и отпушоците ги фрлаат од тераса, па така врз паркираните возила можат да се забележат трошки, лушпи од пиперки и друг отпад.


Тешко може да се најде оправдување за ваквото однесување на поединци, но доколку се направи малку подлабока анализа, веројатно ќе добиеме одговори, кои покрај граѓаните, кои се свесни за тоа што им се случува во сезона, сериозно треба да ги загрижат пред се туристичките работници и надлежните институции. Една поедноставна теза за која не е потребна посебна експертиза е: „какви гости, таков туризам“, а со илјадниците направени и уште толку планирани викенд станови, Охрид не треба да гаи надеж дека може да развива елитен, културен, верски, алтернативен, спортски, венчален или некој друг, посакуван вид туризам. Едноставно едното со друго не оди.

Г. Момироски