Остварен е уште еден состанок денес со СОНК и ги приближуваме ставовите рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири, одговарајќи на новинарско прашање во Охрид каде присуствуваше на Меѓународна научна конференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“ во Охрид, додавајќи дека МОН ќе најде начин да се исплатат 18% покачување на платите на вработените.

Денес е остварен уште еден состанок со СОНК, а од нашата страна и од страната на СОНК заеднички е ставот дека се доближуваме со мислењата и утре заедно со помирувачот ќе ги видиме сите препораки, по што следува постапката да ги прифатиме двете страни тие препораките, рече министерот Шаќири.

Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали треба наставниците и воспитувачите да ги добијат целите плати за месеците додека штрајкуваа рече дека
како градоначалник ќе ги подели цели платите и се надева дека и МОН го има истиот став.

Во однос на тоа дали учебната година ќе заврши на 10 јуни и за учениците од основното образование министерот Шаќири посочи дека претходната недела реализирал состанок со директорот на Бирото за развој на образование на кој станало збор дека по комуникцијата со директорите ќе се добијат информации за тоа до каде е реализирана програмата, па врз основа на тоа ќе се донесат препораки што понатаму.

После тоа ќе се достават препораки до сите директори како да се реализира делот од програмата кој останува. За другите години освен тие што завршуваат деветто одделение, ќе најдеме начин како да се надополни делот од програмата и со почетокот на следната учебна година. Ќе се разгледаат сите комбинации и ако заврши учебната година до 10 јуни тоа ќе биде со препораки од Бирото. Се гледаат сите начини за до 10 јуни да заврши учебната година, но сеуште немаме официјален одговор од Бирото за препораките како понатаму, рече Шаќири.

Н.С.Ј.