– Многу ми е жал што така се загуби натпреварот, тоа е наша стара болка. Ќе заводиме, ќе дадеме гол и на крај ќе изгубиме 2-1– вака поранешниот репрезентативец, а сега тренер на Шкендија, Артим Шаќири го оцени мечот против Хрватска по кој “црвено-жолтите“ го запишаа вториот пораз во третио меч од квалификациите.

Шаќири смета дека поразот беше заслужен и дека играта била далеку од таа во првите два меча.

– Таа игра ветуваше повеќе бодови, но ние останавме само на еден. Пропусти има, време и да има замени во составот, Пандев го нема, но мора да се игра и без него, некој  ќе чека таква шанса за да покаже дека го заслужува дресот со националниот грб – вели Шаќири.

Тој смета дека амбиентот нема да биде како на мечот со Хрватска , но очекува повторно полн стадион,

– Нема подобар мотив од натпревар против селекција од соседството. Ние немаме добри резултати против оваа репрезентација, доаѓа еден реванш на кој мора младите да се докажат. Имаме два порази и едно реми и не е се изгубено, има уште шанси. Со победа над Србија остануваме во игра, пораз ќе значи крај на сите надежи за евентуален пласман на Мундијалот– заклучува Шаќири.

М.П.