Сеуште нема поминато една година од немилиот настан кога на нелегално изградената  платформа од струен удар загинаа тројца видни стружани, а концесионерот на просторот со одобрение на претседателот на клубот кој стопанисува со струшкото пливалиште го подготви просторот за работа во летната туристичка сезона, реагираат членови на пливачкиот клуб Струга. Тие со допис испратен до медиумите тврдат дека на местото на минатогодишната трагедија изградена е поголема платформа и покрај тоа што имало решение на општинскиот градежен инспекторат за отстранување на летниот шанк.

Членовите на ПК „Струга“ негодуваат  на начинот на кој се користи просторот кај Пливалиштето, посочувајќи дека во трката за профит се занемаруваат одговорностите.


Основниот суд во Струга неодамна им изрече вкупна казна од 10 години и 4 месеци на три лица кои стопанисувале со нелегалниот шанк каде се случи големата  несреќа. Незадоволство од исходот на судскиот процес искажа и одбраната на  сега веќе осудените, но и правните застапници на оштетените семејства. И двете страни сметаат дека осудените не се единствените виновници за трагедијата и дека не е утврдена правата вистина за настанот кој ја потресе јавноста.

OhridNews