Откако во саботата истече ултиматумот кој ткн Шарена револуција ѝ го даде на власта за признавање на уставноста на СЈО и запирање на прогонот врз демонстрантите, во понеделникот вечерта повеќе илјади нејзини приврзаници и активисти го одржуваат најавениот голем протест од кој пред зградата на Владата ги упатија своите пораки во кои се повика на одговорност, правда и слобода.

Како што пренесува „Макфакс“ протестот започна пред Специјалното јавно обвинителство, по што демонстрантите се упатиле кон зградата на Министерството за правда која ја гаѓаа со боја, а дел од демонстрантите со камења ги скршија прозорците на министерството за правда.

Карактеристично за овој протест е што демонстрантите и активистите на граѓанските здруженија носеа обележја со кои сакаат да ги иронизираат тврдењата дека нивните протести се финансиски поттикнати и спонзорирани од меѓународни невладини организации.

Пред зградата на Владата беше претходно подигната импровизирана бина од која активистите ги повторија своите барања и пораките, меѓу кои е и барањето граѓанскиот сектор да биде вклучен во разговорите за надминување на кризата во земјата.

„Не ви се плашиме. Дојдовме за да кажеме дека сме одговорни граѓани кои решија да учествуваат во решавањето на кризата. Не сме само ние тука, сите коишто излегоа се дел од борбата. Граѓаните и партиите ќе продолжат заедно против овој режим“, истакна активистот Павле Беловски.

„Граѓаните првпат се обединети во една мисла дека треба да го урнеме овој режим и да изградиме одново граѓанска држава во која нема да има исклучени. Ве повикувам да бидеме сите сплотени како еден на улица. Нашата транзициска Македонија е мртва, се роди нова граѓанска Република Македонија, ова е историски момент за сите нас“, рече Владимир Куновски од Левица, кој мина во домашен притвор повеќе од еден месец поради демолирање на Народната канцеларија на Претседателот.

На македонски и на албански јазик на демонстрантите им се обрати и активистот Замир Мехмети.

На демонстрантите им се приклучи и челникот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев. Неговата сопартијка Радмила Шекеринска во обраќањето пред Владата истакна дека народот револтиран и гневен, и оти челникот на владејачката партија Никола Груевски не можел да го контролира.

„Оваа криза има само еден излез, а тоа е правда и одговорност, и сите треба да одговараат. Овој народ е тука да каже дека нема шанси за уште едни криминални избори. Тука сме да кажеме дека правдата е во наши раце. Тука сме да не му дозволиме на Груевски свое судство од тефтерчињата. Тука сме да побараме Уставниот суд да донесе одлука за СЈО. Мора Груевски да ги тргне рацете од институциите. За специјално одделение на Кривичниот суд да се занимава со предметите на СЈО – за да има правда. Денес овие граѓани од цела Македонија се тука за да побараат оставка од власта која узурпира се. Вистинската борба, вистинските борби не ги водиме за самите себе. Шарената револуција е секој од вас. Не е тука за еден, туку за сите нас, за сите оние што се уште се дома, затоа што сакаме оваа Македонија да биде татковина и на нашите деца. За таа борба за слободна Македонија сме спремни да се бориме“, рече Шекеринска.

Претходно пред Основниот суд Скопје 1 протест одржа и Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), организација којашто ги поддржува политиките на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, која негодува на мерката домашен притвор што судот му ја одреди на градоначалникот на Битола, Владимир Талески. 

На протестот дојдоа претставниците на ова движење, како и градоначалници на повеќе општини во Македонија, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски, градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Активистот на ГДОМ, Александар Пандов, изјави дека судската власт изминатиов период работи под притисок на СДСМ и на Соросовите организации и предупреди дека доколку Судот не суди правично, граѓаните ќе влезат во Судот за да бараат одговори.

Неколкумина активисти од ова движење доставија Декларација во Основниот суд Скопје 1, за поддршка на судовите за нивно професионално работење.

„Во судовите изминатиот период се зборува повеќе на странски отколку на македонски јазик. Има луѓе кои дошле таму да вршат притисоци и да ги уценуваат судиите какви одлуки да носат. Ние сме тука да го поддржиме судот и да ги охрабриме судиите да не подлегнуваат на притисоците. Сега неколкумина од нас ќе влезат во судот и ќе достават декларација, но доколку нашите повици не дадат резултат, следниот пат ќе дојдеме во поголем број пред судот, а во него нема да влеземе само неколкумина“, рече Пандов.

Актерот Тони Михајловски кој е активист во Граѓанското движење за одбрана на Македонија, на протестот рече дека дошле пред судот без фантомки на главите и без боја во џебовите, алудирајќи на протестите на „Шарената револуција“.

„Оваа наша земја докажа во овие 10 години дека знае да трае и дека знае да оди по вистинскиот пат и нема да дозволиме некои така наречени револуционери кои од револуција добиваат про*ив, а од секоја друга борба се плашат и бегаат, да им порачаме дека револуција не се води така, за револуција треба народ и еве еден дел од народот да им порача дека секогаш сме спремни да ја одбраниме Македонија и она што Македонија за овие 10 или 25 години успеа да го направи“, рече Михајловски.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во името на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, од кои поголем број беа присутни на протестот, рече дека дошле пред судот за да го искажат својот револт од работата на Специјалното јавно обвинителство, кое, како што велат, селективно постапува по предметите.

„Сметаме дека работата на СЈО не е во ред бидејќи осудува и пресудува само членови на една политичка партија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, додека за други осомничени не бара ниту притвори ниту води постапки. Секој што се огрешил пред законот треба да одговара, но во една редовна судска постапка. СЈО работи за Социјалдемократскиот сојуз, кој врши притисок врз Основниот и Апелацискиот суд да ги донесат оние одлуки што ним им одговараат“, рече Трајановски.

Апелациониот суд се уште нема донесено одлука за тоа дали на градоначалнмикот на Битола ќе му биде одреден куќен притвор. Решението за притворот од Основниот суд Скопје 1 денеска, по пет дена, конечно пристигнало во битолската полиција која најави дека ќе постапува по решението.

Кривичниот суд во четвртокот ја преиначи одлуката за Талески и наместо одземање на пасошот му одреди куќен притвор. Талески се уште е на слобода, а за одлуката за притвор се очекува да се изјасни Апелациониот суд.

Тој е еден од осомничените за случајот „Транспортер“ којшто е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство за малверзации со транспортот на ученици во Битола.

OhridNews