Одлучив да се кандидирам за градоначалник бидејќи верувам дека нашиот град заслужува чесно и храбро водство, заслужува луѓе коишто слушаат и постапуваат. Живеам во Охрид веќе 39 години, моето семејство влече корени пред повеќе генерации, тука сум професионално ангажиран, тука оформив семејство и тука ја гледам нашата иднина, вели во обраќањето кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, д-р Асен Шајн.
Охрид е посебен и познат во светот по многу нешта, а во Охрид живееле, живеат и ќе живеат вредни луѓе, подготвени секому да му подадат рака, луѓе кои се храбри и истрајни. Меѓутоа, Охрид може и многу подобро. Премногу улици се запуштени, локалните бизниси имаат потешкотии, јавната безбедност е на многу ниско ниво, а гласот на граѓаните нема кој да го чуе. Ова мора да се промени. Во текот на кампањата ќе ги слушните сите мои проекти кои се обврзувам да ги остварам јас заедно со мојот тим, посочува Шајн.
Ќе се посветам, вели, на унапредувањето на локалната инфраструктура, Охрид ќе добие модерни сообраќајници, квалитетно водоснабдување, современ систем за одведување на отпадни води и функционално јавно осветлување.
Ќе инвестираме во секоја населба, во секое населено место. Ќе овозможам ефикасно управување со јавните претпријатија и подобри комунални услуги, Ќе обезбедам услови за развој на локалната економија и уредена деловна зона. Во областа на образованието ќе обезбедам подобри услови за настава, развој на училишната инфраструктура, поддршка на наставниот кадар и талентираните ученици, потенцира.
Додава дека ќе спроведи политики за почиста животна средина, со фокус на управуање со отпадот, уредување на јавните површини и заштита на природното богатство со кое располагаме.
Но, најважно од сè, ветувам дека ќе работам со интегритет, транспарентно и отчетно. За мене сечиј глас ќе е важен, секој ќе може да ми се обрати зашто Охрид му припаѓа на секој од нас. Оваа кампања не е само моја, НАША ЗАЕДНИЧКА Е. За нашата заедница, нашите деца, нашата иднина. Во неа ќе придонесуваме не само со нашиот глас туку и со идеи и вложено време. Длабоко сум убеден дека заеднички ќе изградиме подобра иднина, потенцира во обраќањето кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, д-р Асен Шајн.
OhridNews