Кризата во Македонија се продлабочува заради одлуки кои владекјачките партии ги носат еднострано и не водејќи сметка за се што е договорено во минатото, изјави денеска во Охрид потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска.
-Уште од моментот кога почна кризата во Македонија стана јасно дека власта бега, прво бегаше од независна истрага за сите оние материјали кои покажаа сериозен криминал и прекршување на законите, бегаат од соочување на анкетната комисија, бегаат од прочистување на избирачкиот список и од медиуми коишто ќе им дадат шанса на граѓаните сами да носат одлуки. – рече Шеќеринска.
Според неа ВМРО ДПМНЕ има потреба да трча кон избори на коишто нема да биде прочистен избирачкиот список и на кои медиумскиот простор целосно ќе биде запоседнат. Додава дека СДСМ како потписник на Договорот од Пржино бара тој да биде реализиран од првата до последната точка.
-Тоа значи дека Македонија треба да оди на избори час поскоро, но на избори коишто ќе бидат фер и демократски, кои ќе бидат кредибилни и избори кои Македонија ќе ја извадат од оваа криза. СДСМ нема да учествува на избори во кои избирачкиот список ќе остане хаотичен и криминален како што е сега и со медиуми контролирани од еден цебтар на моќ, а тоа е власта.-изјави Шеќеринска.
Таа истакна дека опозицијата нема да и даде легитимитет на техничката влада.
-Власта реши да го погази она што го потпиша и да закажува избори коишто е јасно дека ќе бидат обид да го повтори криминалот од 2014 година, ние тој криминал нема да го легализираме и нема да бидеме соучесници во него и таа позиција ќе биде кристално чиста отсега натаму. – додаде Шеќеринска.
Таа смета дека Македонија премногу се потпира на странска помош во ситуација на криза и дека е потребно политичките субјекти да преземат одговорност и да изнајде решение за излез од сегашната состојба.
-И како граѓани и како политички партии мора да престанеме да го бараме излезот на друго место. Меѓутоа свесни сме дека излезот од оваа криза којашто беше предизвикана од криминални избори не може да бидат уште едни криминални избори. Тоа им е јасно на сите во Македонија, тоа и е јасно и на меѓународната заедница. Она што го очекуваме е Македонија да најде сила да излезе од оваа нова радикализација на состојбите.-рече Шеќеринска.
Таа додаде дека на Македонија и треба слобода, демократија и фер избори и дека никаков притисок со еднострани одлуки нема да ја натера опозицијата да ги промени ставовите.
OhridNews