Вчерашната прес конференција покажува дека повторно, по којзнае кој пат Груевски бега од договореното и бега од одговорност и нема решенија и залудно го врзува извештајот на комисијата за 24-ти декември со предвремените парламентарни избори на чие одржување СДСМ ќе се спротистави, изјави на прес-конференција заменик претседателката на опозицискиот СДСМ, Радмила Шекеринска.

„Предвремените парламентарни избори зависат од владиното парламентарно мнозинство и се врзуваат, не за извештајот за 24-ти декември, туку за економската катастрофа во која нé доведоа, неможноста да се реализира Буџетот ваков каков што е донесен, за раскалашното трошење на власта, за празната државна каса, за потребата од ребаланс на Буџетот, што е доказ дека СДСМ беше во право кога ги поднесе амандманите на Буџетот за 2013 година”, рече Шекеринска.

Претходно, во саботата Груевски повика на предвремени парламентарни избори доколку не се изнајде решение за извештајот за настаните од 24-ти декември во и пред Собранието што е дел од првомартовскиот договор постигнат меѓу двете најголеми македонски парти ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со посредство на европските претставници. Според премиерот, доколку нема извештај на ад-хок комисијата во која и двете партии имаат свои претставници и поради тоа што не успеаја до петокот на полноќ да постигнат договор за конечната верзија, на земјата и’ се заканува негативен есенски извештај на Европската комисија.

На новинарско прашање како ќе настапи СДСМ, доколку на собраниската седница во понеделник ВМРО-ДПМНЕ го обезбеди мнозинството за распуштање на парламентот и закажување предвремени парламентарни избори кои би се одржале на 13-ти октомври, а поддршката на СДСМ не е пресудна во одлуката дали ќе има предвремени избори зашто се потребни 62 гласа од пратениците за да се распушти и да бидат закажани изборите, а ВМРО-ДПМНЕ има 56 пратеници, Шекеринска одговори дека доколку тоа се случи, СДСМ со сите демократски средства и капацитети ќе се спротивстави на оддржување на такви избори.

Шекеринска потсети дека обврска од мартовскиот договор е создавање фер претпоставки за изборен натпревар, а како што истакна таа, власта презела обврска за усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Побара од ВМРО-ДПМНЕ да се согласи во извештајот да стои дека со отстранувањето на новинарите од собраниската галерија беа прекршени „загарантираните права за слобода на јавно информирање и јавност во работата на Собранието на Република Македонија” и потоа со потписите од членовите во комисјата од владејачката партија да се достави до граѓаните и до Европската унија.

„Наша цел е да и помогнеме на Република Македонија со тоа што ќе ја победиме оваа власт. Тоа се прави на избори. Нема да дозволиме тие уште еднаш да бидат криминални и да не претставуваат решение”, заклучи Шекеринска.

OhridNews

Makfaks