Само чисти избори можат да ја решат актуелната политичка криза во земјата смета заменик претседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска, која денеска престојува во работна посета на Охрид. Таа не сакаше да ја коментира одлуката на владејачката ДУИ која синоќа соопшти дека ги повлекува своите министри од владата, посочувајќи дека партијата е таа која им должи објаснување на граѓаните.
„Оние кои излегоа со најави сега и должат на јавноста одговори. Ние тие одговори не можеме да ги дадеме ниту пак сакаме да им се мешаме. Тие на своето гласачко тело, на своите членови нека им објаснуваат. Но фактот е еден, било какви политички договарања, преговарања, пазарења не можат од јавноста да го сoкријат фактот дека само чисти избори можат да ја решат кризата во Македонија. Ние можеме да се бориме за чисти избори. Бегството од фер и демократски избори е само страв од соочување со граѓаните, тоа е страв и од соочување со кривичната одговорност за криминалите кои излегле на виделина.“ – изјави Шеќеринска.
Таа критикуваше институции за опструкции на Државната изборна комисија. Според неа целта на истите е да се спречи јавно објавување на податоците од избирачкиот список.
„Во текот на вчерашниот ден станаа достапни документи и дописи од страна на две институции, а тоа се Агенцијата за пошти и Дирекцијата за заштита на личните податоци кои преку ноќ се сетиле дека веќе не било време за спиење и одеднаш станале многу заинтересирани за личните податоци на граѓаните. Ова се две инситуции кои во ист ден испратија одлуки до ДИК со една цел координирано од врвот на ВМРО ДПМНЕ да се спречи понатамошно јавно објавување на сите податоци од избирачкиот список. На тој начин ќе се крши изборниот закон и принципите кои беа договорени и во Пржино и после тоа.“ – рече Шеќеринска.
Заменик претседателот на СДСМ Шеќеринска вечерва во центарот за култура „Григор Прличев“ ќе присуствува на партиската трибина, која започнува во 19.30 часот.
OhridNews