Веќе шестта година во Охрид функционира Балетското студио за модерен и класичен балет „Визави“ при НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
Околу 40-тина дечина, три пати неделно имаат можност да ги откријат тајните на бројните танцови игри и музички точки, благодарение на ентузијазмот и искуството на уметничкиот раководител Јулија Милески.
„Нашето балетско студио постои веќе шеста година по ред, а моментално имаме околу 40-тина дечиња кои вежбаат класичен и модерен балет. Заинтересираноста е огромна, а јас како уметнички раководител сум презадоволна од талентот и креативноста која ја покажуваат младите.“ – вели Јулија Милески, уметнички раководител на Балетското студио за модерен и класичен балет „Визави“ од Охрид.
Како што појаснува Милески, се работи со деца во три возрасни групи и тоа со најмладите од три и пол до шест години, од седум до десет и од десет до четиринаесет години.
„Во моментов работиме на балетската претстава „Волкот и седумте јариња“ врз основа на истоимената народна бајка. Во истата вметнавме некои модерни елементи, кои приказната ќе ја направат доста поинтересна. Предвидено е настапот да трае околу 45 минути, а во претставата се опфатени дечињата од сите возрасни групи.“ – појаснува Милески.
Балетското студио „Визави“ до сега има организирано бројни претстави, задоволувајќи ги вкусовите како на децата од предшколска возраст, така и на оние од основното образование.
„Преку целата година настапуваме на различни хуманитарни, новогодишни и осмомартовски манифестации, додека во јуни покажуваме што точно сме научиле. Околу 29-ти декември ќе имаме еден вид генерална проба со претставата која ја спремаме, додека во март планираме да ги посетиме основните училишта и градинките. Соработка имаме со Балетското студио М од Ниш, а веќе три пати сме гостувале кај нив, односно три пати дечината од Србија ни дошле на посета.“ – додава Милески.
Таа потенцира дека класичниот балет претставува вистински вовед на децата кон она што е наречено модерен балет, односно модерни танци.
„Без него не се може. Тоа е исто како да учите азбука, односно да вежбате пишување и читање. Во првата и втората година децата се запознаваат со основите во класичниот балет, односно правилната поставеност на рацете, телото, нозете, главата и чекорите. Потоа се префрлуваме на модерен балет, вметнуваме нешто латино и источно, односно сето тоа го спојуваме во една целосна кореографија.“ – потенцира Милески.
Со поддршка од Министерството за култура и НУ Центар за кулутра „Григор Прличев“, балетското студио „Визави“ во текот на минатата година се појави во училишната програма „Ѕвон“ на Македонската радио-телевизија.
„Сакам да се заблагодарам за големата поддршка која ја добиваме од ресорното министерство, односно од директорката на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцевска. Нашата втора претстава е директно финансирана од овие институции, односно истите се погрижија за бината, музиката и целосната декорација која ни е потребна за време на настапите.“ – завршува Милески.
Инаку, сите заинтересирани можат да се обратат во просториите на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид, секоја среда и четврток од 18 до 20 часот и недела од 11 до 13 часот.
О.Т.