Шест уредувачи од Охрид, членови во Вики Клуб Охрид, четири од основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид, и две средношколки, под менторство на координаторот Наташа Неданоска беа дел од Вики кампот во Комплекс Кораб Трница во Мавровскиот регион кој се одржа од 6 до 8 мај.

Неданоска како еден од едукаторите на овој камп била вклучена во организација на утринските вежби на сите учесници, но и на едукатвивни игри во кампот.

Учествуваа 40 ученици од основни и средни училишта во Македонија, кои преку меѓусебно запознавање и дружење имаа можност да се запознаат и да бидат обучени за уредување на статии на Википедија на македонски јазик. Во текот на овие три дена создадоа 353 нови статии на теми за флора и фауна на Википедија на македонски јазк, информира Неданоска.

Меѓу другите активности, вели, на Вики кампот се одвиваа предавања и обуки и заеднички работилници за напредно уредување на Википедија, а стана збор и за начинот на спроведување на експедициските теренски истражувања од областа на географијата, природата, земјоделството, културното наследство, архитектурата и археологијата.

Исто така, учениците имаа можност за организирана прошетка во Шаркова дупка, како и предавање на дипломиран еколог Икмет Ејупи од Националниот Парк Маврово, додава Неданоска.

Вики камповите се добра можност младите википедијанци да стекнат сигурност во уредувањето статии на Википедија, како и можност да ги разгледаат убавините на местото каде што се одвива Вики Кампот, изјави претседателката Снежана Штрковска.

Вики кампот беше во организација на Здружението ГЛАМ Македонија кое работи на организирање на настани поврзани со слободната енциклопедија Википедија во соработка со училиштата низ Македонија и наставници-ментори на Вики Клубовите.

Ова е четврт Вики Камп во организација на ГЛАМ Македонија, а Вики Клуб Охрид на сите има партиципирано со свои учесници-уредувачи.

Н.С.Ј.