Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) останува на претходно донесената одлука за реализација на штрајк утре од 11 до 17 часот и не се точни информациите дека штрајкот е ставен во мирување, информира во пишана изјава претседателот на ССКЛ Александар Тасевски.

Во тек штрајкот што ССКЛ го најави поради „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“ во најавениот термин нема да се опслужуваат воздухоплови на Меѓународниот аеродорм Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Тасевски укажува дека дезинформациите за наводна постигна спогодба поради која се става штрајкот во мирување ќе ги доведат во забуна патниците и авиокомпаниите, како и непотребен хаос при планирањето на летовите.

Информациите кои беа испратени во текот на вчерашниот ден од страна на УО на М-НАВ, како што известија одредени медиуми, дека се прифатени барањата на ССКЛ и дека е постигната спогодба поради која се става најавениот штрајк за 12.10.2023 година во период од 11ч до 17 часот во мирување се тотална невистинити и дезинформација на јавноста која не само што ги доведува во забуна сите патници кои го планирале своето патување во текот на утрешниот ден, туку ги доведува во забуна и авиокомпаниите, а што дополнително ќе резултира со непотребен хаос поради неможност соодветно да ги испланираат засегнатите летови, наведува Тасевски.

Во УО на М-НАВ, според него, владее разединување од причина што, како што тврди „новите двајца директори кои се поставени во последните два-три месеци и го затекнаа хаосот кој е од поодамна, наспроти претседателот на УО на М-НАВ кој продолжува по стариот пат генерирајќи проблеми и за фирмата но и за новите директори“.

Додека едниве ни ветуваат професионализам и подобрување на состојбата во М-НАВ, претседателот на М-НАВ Фахрудин Хамиди, доставува нови барања за вработување на непотребни лица, во служби во кои веќе има превработеност, а се тоа позади грбот на останатите двајца директори кои на состанокот кој што беше одржан на 09.10.2023 година се изјаснија дека не се запознати со таквите барања за вработување, наведува Тасевски.

Од М-НАВ, пак, рекоа дека останува Синдикатот да ја каже дефинитивната одлука и да го потпише записникот од средбата, бидејќи раководството ги исполнило поставените барања.

Струковиот синдикат на контролори на летање доби поддршка за штрајкот и од Здружението на контролори на летање.

Во меѓувреме, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) е повикан на средба во Министерството за транспорт и врски попладне, заедно со директорите на Македонска навигација М-НАВ.

Г.М.