Шестотини илјади денари вкупно ќе донира Општина Охрид за погодените подрачја од земјотресот во Турција и Сирија. На денешната дваесет и трета вонредна седница на Совет беше изгласан заклучокот со кој се одобрува финансиска помош за настраданите од катастрофалниот земјотрес на 6-ти февруари.

Помошта е финансиска. Издвоивме средства од ставката на Советот на Општина Охрид во износ од 300 илјади денари за Република Турција и 300 илјади денари за Република Сирија. Како Општина ова денес што го направивме беше во најкраток рок. Се надевам во консултација со другите институции кои може да помогнат и во делот со луѓе кои може да излезат во пресрет ќе ги исконтактираме и ќе смогнеме сили да имаме и дополнителна помош, рече претседателот на Советот, Сашо Донев.

Финансиските средства ќе бидат исплатени од Буџетот на Општина Охрид, програма A0 – Совет на Општина Охрид.

Одлуката за издвојување средства за помош на настраданите беше донесена едногласно. Советниците со едноминутно молчење оддадоа почит на жртвите во земјотресот.

Н.С.Ј.