Во рамките на годинашните програмски активности, здружението Е КУЛ ТУР од Охрид, викендов 13 и 14 април, организираше Школа (мастер часови) за ученици по класична гитара. Часовите беа одржани во Спомен куќата на Григор Прличев, а гостин на манифестацијата беше професорката м-р Тања Јанкова од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Девет млади гитаристи од неколку града од Македонија имаа можност  да ги надградат своите знаења и да се стекнат со неопходната сигурност пред јавни настапи или натпревари.

Многу сум задоволна од интересот на учениците и начинот на кој ги одржавме   овие мастер часови – изјави професор Тања Јанкова. Некои аспекти од свирењето класична гитара се потрудија веднаш да ги применат, но сепак за некои работи е потребно време, малку да “легнат” новите знаења. Им посакувам на учениците успех во иднина – додаде Јанкова.

Оваа школа е само след, а и најава на “поголемата” Меѓународна летна школа по класична гитара што се одржа минатата година, а се надеваме дека престојново лето ќе доведеме уште позначајни имиња од светот на класичната музика – изјави Спаско Костоски од Е КУЛ ТУР.

Организаторите се задоволни од одзивот и интересот за Школата и јавно се заблагодарувааат на Националната Установа “Завод и музеј” од Охрид за великодушно отстапениот простор за одржување на мастер часовите. Фотографии и мултимедиа ќе бидат достапни на веб-страната од Школата и тоа во тек на следните 6-7 дена.

OhridNews

Линк до школата за класична гитара 2013