Во рамките на одбележувањето на 21 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, првпат организира Школа за млади лидери „Peace Forum Dialogue“ која ќе се одржи од денес до 12 август во Охрид.
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, преку Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“, им дава можност на младите учесници да добијат информации за функционирањето на политичкиот систем во Република Северна Македонија.
Спроведувањето на политиките произлезени од Охридскиот рамковен договор, унапредувањето на меѓуетничките односи, управувањето со конфликти, градењето на мирот, социјалната кохезија, консензуалната демократија, интеграцијата, градењето мир и соживот меѓу етничките заедници и интеграцијата на граѓаните во јавноста, општествениот, економскиот и културниот живот ќе бидат дел и од предавањата што ќе се одржат во рамките на Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“, информираат од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Оттаму истакнуваат дека целта на Школата е стекнување на нови знаења и усовршување на лидерските вештини на младите за да можат да придонесат за позитивен развој на општеството.
Обуката ќе се одржи на македонски и албански јазик, а учесници на крајот на обуката ќе добијат сертификат.
OhridNews