По Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев со елиминација во првата рунда се соочи и третиот македонски преставник во Лигата на Европа, Шкупи. Непреминлива пречка за „сините“ беше Пјуник, кој победи во Скопје со 2-1 и се извлече за нерешниот исход пред седум дена на домашен терен.

Шкупи имаше се во свои раце во првиот натпревар со Пјуник кога водеше со 3-1. Последните десет минути од мечот се покажаа фатални за предноста на „чаирчани“. „Сините“ ветуваа борба и ја пружија, но Пјуник не погреши повторно и во реваншот уште на стартот наметнаа стил на игра кој им донесе водство од два погодоци. Шкупи се „разбуди“ во финишот и постигна погодок кој ги врати надежите, но на крајот само тоа остана и она мало искуство кое го акумулираа фудбалерите играјќи во Европа.

Понатаму, единствен наш преставник во мечевите на стариот континент останува Шкендија која прописно се избламира во Лигата на Шампиони испаѓајќи од аматерскиот тим Номе Калју. Тетовските „црвено црни“ имаат обврска пред себе и пред навивачите да покажат дека дуелот во Скопје против аматерите беше лош ден и ништо повеќе.

OhridNews