Морган Шнајдерлин летото 2015 година од Саутемптон за 24 милони фунти се пресели во Манчестер Јунајтед како еден од најценетите фудбалери за врска во Премиер лигата. Меѓутоа, на Олд Трафорд францускиот репрезентативец беше еден од многуте фудбалери кои не успеаја да се снајдат под водство на Луис ван Гал кој доби отказ по две сезони иако имаше договор на три со „црвените ѓаволи“.


Французинот свое прикладно место не најде ниту кај Жозе Мурињо кој му дозволи трансфер во Евертон, каде полека ја враќа препознатливата форма. Фудбалерот за врска за францускиот весник Л`екип зборуваше за чудните методи и забелешки од Ван Гал кој на фудбалерите им забранувал слободно да играат.

– Сезоната под водство на Ван Гал се уште ми стои како кнедла во грлото. На теренот играв без задоволство, бидејќи како искусен играч во Премиер лигата немав никаква слобода. Се осеќав како робот, а не како фудбалер. Повеќе имав забранети работи да правам на теренот отколку да играм. Таквата ситуација ме исфрли од ритам, затоа што повеќе мислев што треба, а што не треба да направам него да играм фудбал. – изјави Шнајдерлин.

Жртви на Ван Гал на Олд Трафорд меѓу Шнајдерлинг беа и Анхел ди Марија, Радамел Фалкао, Робин ван Перси и Чичарито.

OhridNews