Потребна е построга регулација на пловидбата и план за воведување еколошки пловила на Охридско Езеро сметаат граѓаните. Стручните служби вклучени во проблематиката велат се реализираат редовни контроли, но потребни се и законски измени за еколошки стандарди.
Во оваа насока оди и јавното мислење. Имено, одговарајќи на анкетното прашање на Охридњуз: „Дали треба построга регулација на пловидбата и план за воведување еколошки пловила на Охридско Езеро?“ од вкупно 1443 учесници, 1140 одговориле позитивно, односно 79% од анкетираните, 199 (14%) сметаат дека за тоа треба да се одлучи врз основа на научна и стручна анализа, додека 104 (7%) се изјасниле негативно.
А што се случува на терен? Изминатиот викенд изречени се четиринаесет прекршоци од Законот за внатрешна пловидба при извршени контроли од страна на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ по разни основи. Кај 3 лица е контатирано дека биле под дејство на алкохол.
Полициските службеници кај 7 лица констатираа 14 прекршоци од Законот за внатрешна пловидба, алкотестираа вкупно 13 лица и кај 3 лица констатираа присуство на алкохол во организмот. По целосно документирање на настаните, ќе бидат поднесени соодветни пријави, посочуваат од СВР Охрид.
Во соопштението не е наведено кои се санкционираните, дали се работи за приватни лица или професионалци што, пак, внесува забуна во јавноста и предизвикува револт кај професионалните возачи на такси пловила и бродови кои ги почитуваат правилата и прописите. Тоа според нив го нарушува угледот на вистинските професионалци, а негативно влијае и на имиџот на Охрид бидејќи во јавноста се создава негативен впечаток.
Од Капетанијата на пристаништа – Охрид најавуваат дека и во наредниот период во соработка со Езерската полиција ќе спроведуваат инспекциски контроли. Апелираат навремено да се извршува регистрација на пловините објекти и строго да се почитуваат правилата и прописите за безбедна пловидба.
Во регистерот во Капетанијата на пристаништата запишани се околку 3400 пловни објекти на ниво на цела држава. Од евидентираните, пловни објекти има и на Дојранско Езеро, Преспанско Езеро, како и на акумулациите, реките, но и во Грција. Голем дел од тие чамци се веќе вон употреба, а кај нас во регистерот стојат, вели Капетанот на Капетанијата на пристаништата на Македонија Илија Арнаудоски.
Бројот на пловила во Охридско Езеро би била некаде околу 300-400 и истата брјка варира, за време на викенди е зголемена, а во сезоната доаѓаат и туристи од соседните држави со свои чамци и земаат дозволи за привремена пловидба. И бројката на овие пловила варира од 20-30 во текот на годината, потенцира Арнаудоски.
Посочува дека Капетанијата во моментов располага со еден инспектор за внатрешна пловидба, а контролите ги реализираат заедничи со Езерската полиција. Во поглед на тоа дали постои иницијатива во догледно време да се отпочне процес на промена на моторите на пловилата кои во најголем дел се со внатрешно согорување со еколошки, електрични… посочува дека како Капетанија нивна обврска е да вршат контрола на езерата и регистрација на пловни објекти.
Ова е под Министерство за економија каде треба да се донесат соодветни регулативи. Мислам дека веќе е и отпочната некоја постапка за да знаеме до која година, какви пловни објекти можат да се регистрираат, царинат. Во моментов нема никава пречка и ако некој дојде со стар пловен обjект кој ги поминал техничките прегледи и царински процедури, ние немаме законска регулатива какви еколошки стандарди треба да исполнува пловниот објект, потенцира Арнаудоски.
Следно анкетно прашање: Дали сите плажи на Охридското крајбрежје треба да имаат спасители за поголема безбедност на капачите и рекреативците?
Н.С.Ј/Г.М.