Македонската ракометна “фаланга“ падна на првиот посериозен тест во главната фаза, откако со 33-32 беше поразена од Данска. “Црвено-жолтите“ одиграа 20 минути од соништата во кои имаа огромни плус 6, 19-13, а по неуспешниот лоб од гол в гол на Ристовски, колата тргна надолу.
Сите недостатоци во играта на македонскиот тим испливаа на површина. Голманите немаа свој ден, крилата беа отсечени, а ниту одбраната не одигра на потребното ниво. Предолго селекторот Шундовски играше зона која Хансен (12 гола) успешно ја бушеше.
Фуриозните десет минути од мечот ја вратија Македонија во игра. Во финишот на мечот имавме и напад за победа, ударот на Лазаров (13 гола) го одбрани Јакобсен (10 одбрани) , данците организираа контра која Линдберг (8 гола) ја заврши во мрежата на Ристовски пред звукот на сирената.
По овој пораз Македонија падна на последното место во 1 групата и во наредниот меч в понеделник ќе игра против Полска.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com