Шок терапијата со тренерската смена во женскиот ракометен клуб Вардар вроди со плод, откако „црвено црните“ го декласираа составот на Лајпциг со 41-24 (19-14) на домашен терен.


„Вардарки“ супериорно во втората рунда од групната фаза стигнаа до првата победа во Лигата на Шампиони сезонава по ремито на стартот со Ференцварош.

Решителноста и мотивираноста домашните ракометарки ги демонстираа уште на стартот на мечот, а комплетниот квалитет го покажаа во второто полувреме во кое постигнаа 22 голови.

Меѓу стрелците се издвои Јованка Радичевиќ која реализираше шест голови, а по пет постигнаа Тамара Мавсар, Сања Дамњановиќ, Андреа Пенезиќ, Татјана Хмирова и нашата репрезентативка Сара Ристовска.

Во следната трета рунда ракометарките на Вардар ќе се сретнат со Астраханочка на теренот од противникот.

OhridNews