Пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Харалампие Шокароски денес ја посети Трпејца од каде ги повика челниците на СДСМ, во рамките на нивната посета на населени места, да дојдат и да отседнат во Трпејца и да им го објаснат на жителите дволичното, непринципиелно и волунтаристичко однесување на нивниот старо-нов кандидат за градоначалник Александар Петрески.


–    Да им објаснат на Трпејчани, зошто Петрески дволично од една страна издал решение за нелегален објект, а од друга страна несакал да го спроведе истото тоа решение што самиот го донел за отстранување на дивоградбите, што само по себе зборува за двојните аршини и лукративноста на владеењето на СДСМ и нивниот градоначалник во Охрид. Ги повикувам челниците на СДСМ да им објаснат на инвеститорите на дивоизградените објекти, зошто нивниот градоначалник ги доведува во заблуда кога знаел дека објектите се изградени спротивно на роковите предвидени во Законот за легализација на дивоизградени објекти, рече Шокароски.

Тој додаде дека ваквиот однос на СДСМ, олицетворен во градоначалникот, довел до оправдан револт на МЗ Трпејца која преку различни форми на граѓанска непослушност се одважиле да му стават крај на волунтаристичкото владеење на градоначалникот, истовремено апелирајќи до пратениците во Собранието на Република Македонија да ги преземат сите законски мерки за да ги заштитат од урбаното дивеење и уништувањето на природната средина.

– Тоа од наша страна беше веднаш прифатено и преку претставки и апели до надлежните институции, а пред се до Министерството за транспорт и врски проблемот го решивме во законски рамки и во најкраток можен рок. Впрочем, двојните стандарди не се ништо ново за СДСМ, затоа почитувани граѓани време е да се каже збогум на ваквите политики на СДСМ и градоначалникот, рече Шокароски.

OhridNews