Недомаќинското работење, континуираната злупотреба, како и ставањето  на партиските и лични интереси пред интересите на граѓаните ги доведе јавните претпријатија во Охрид до пропаст. Тие не се функционални, се презадолжени, а на вработените им доцнат платите, обвини на денешната прес- конференција во Скопје, пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Харалампие Шокароски.

–    Охридски Комуналец има годишни приходи од околу 130. 000. 000 денари, а има нови кредитни задолжувања од 240.000 евра. На ова претпријатие не му беа доволни ниту повисоките сметки за ѓубретарина кои ги донесе општината, а кои граѓаните на Охрид ги плаќаат.Дополнително во ЈП Комуналец се случи исклучување на електричната енергија поради неплатени сметки. Тоа укажува дека ова претпријатие е на работ на егзистенција, рече Шокароски наведувајќи дека слична е состојбата и во останатите охридски јавни претпријатија.


Според Шокаровски, градоначалникот Александар Петрески со ова хаотично работење ризикува да ја доведе општината Охрид во класичен банкрот.

–    Охрид е во долгови. Наместо решавање на ситуацијата, за Петрески се поприоритетни партиските вработувања кој реално го загрозуваат и така тенкиот буџет на општината и отпорот кон странските инвестици во Охрид кои носат работа и пари за граѓаните, рече Шокаровски. 
–   
Ваквите обвинувања од Шокароски, од кабинетот на градоначалникот ги коментираат како манипулации со јавноста со цел да собере поен плус во својата партија во жестоката битка за кандидат за градоначалник на Охрид.

–    Пратеникот Шокаровски излезе со неосновани обвиненија против охридските јавни претпријатија. Недоволно информиран, не знае дека работниците од ЈП “Охридски комуналец“ како и на ЈП “Проаква“ најредовно земаат плата. Поредовно дури и од сите државни институции.Пратеникот Шокаровски нека и одговори на јавноста зошто полицијата нема финансиски средства за бензин, а набавува нови возила. Зошто инспекциските служби исто така немаат средства за гориво за непречено да излезат на терен и да ја работата својата работа, велат од кабинетот на градоначалникот.

Оттаму прашуваат- ако за Петрески биле приоритет партиските вработувања, што е со приоритетите  на Владата околу многубројните вработувања кои ВМРО – ДПМНЕ ги спроведе во здравството, во полицијата, во инспекциските служби и во сите државни институции.

OhridNews