Македонската кошаркарска репрезетнација за Европско првенство во Словенија ќе помине низ квалитетни подготовки одигрувајќи десеттина пријателски натпревари со селекции од рангот на Шпанија, Русија, Литванија и Италија.  Македонија на континенталниот собир во Словенија ќе го брани четвртото место освоено на ЕП во Литванија 2011 година.
Селекцијата на Македонија сеуште е без селектор, но кој и биде назначен за прв човек на кошаркарската репрезентација ќе има доволно време да ги намести коцките за ЕП во Словенија.
Првиот собир на кошаркарите ќе биде на средината од месец јули. Првиот пријателски натпревар “црвено жолтите“ го играат против Полска а веднаш и со домаќинот на ЕП Словенија. Потоа следуваат висинските подготовки во Италија каде ќе се одиграат минимум два контролни мечеви.

По враќањето од “чизмата“ на 17 август кошаркарите на домашен терен против Литванија ќе го одбележат јубилејот 20 годишнина од првиот официјален натпревар на македонската кошаркарска репрезентација.

До почетокот на ЕП во Словенија, кошаркарите ќе ги поминат вистински тестови за квалитетот на селекцијата, на менито се по два дуели со Европскиот првак Шпанија и “кобната“ Русија.

Во групата на ЕП со Македонија уште се наоѓаат Литванија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Мх.П.