Пријатели на столбот во одбраната на ГРК Охрид Ориол Реј Моралес допатуваа на викенд што ќе се памети, кој заврши со историска победа и забава што ќе се прераскажува..

ГРК Охрид ја слави најголемата победа во својата историја – триумфот над Олимпијакос (25:24) и пласманот во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп. Но, покрај драмата на теренот, синоќа во „Билјанини Извори“ се случуваше и една поинаква, шпанска приказна.

Седуммина пријатели на Ориол Реј Моралес допатуваа во Охрид – не само за ракомет, туку и за ергенска забава. Како што открива самиот Реј, еден од нив наскоро ќе стапи во брак, а идејата за заедничко патување се претвори во совршен избор.

Облечени во дресови на ГРК Охрид со името и бројот на својот пријател, тие беа меѓу најгласните на трибините. Не случајно – сите се љубители на ракометот, а дел и играчи, што уште повеќе ја истакна нивната поддршка на трибините.

Во преполната сала со околу 3000 гледачи, нивната енергија беше заразна. Навиваа без престан, а по последниот свиреж се спуштија на теренот и заедно со ракометарите и навивачите ја прославија големата победа.

Така, една ергенска забава стана дел од историјата на охридскиот ракомет – ноќ што сигурно ќе ја паметат и Шпанците, и Реј, и навивачите на Охрид.

Г.М.

Фото: А. Момироска