На изнесените ставови на кандидатот за градоначалник на општина Дебрца од коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ, денеска реагираше изборниот штаб на кандидатот на Сојузот за иднината Љупчо Којчиноски.
Во соопштението се вели:
„Очигледно соочен со неминовниот пораз кој ќе го добие од граѓаните на општината Дебарца на 24 март нашиот противкандидат од коалицијата “За подобра Македонија” продолжува со гебелсовата пропаганда, невешто читајќи ги напишаните и нарачани текстови од неговите партиски ментори. А тие ментори, како експоненти на една разуздана власт, изгубени во својата виртуелна реалност не само во предизборната кампања, туку и пред тоа упорно настојуваат да ги оцрнат неколкумалкуте општини кои имаат градоначалници од редовите на опозицијата. И покрај финансиската блокада која власта непрекинато ја правеше кон овие општини, се’ тоа било малку, па на удар на владината црна пропаганда непрекинато се нивните градоначалници, И така, кога ја слуша човек владино-вмровската-гебелсова пропаганда, ќе испадне за малку дека овие опозициски општини се единствените места во Македонија каде немало инвестиции, каде немало проекти, каде имало невработени, каде имало криминали.
Во тој стил продолжи нашиот противкандидат и на вчерашниот прес. Упорно повторува една невистина, надевајќи се дека на тој начин таа за него ќе стане вистина, а тоа дека во општина Дебарца ништо не е направено, не е реализиран ниту еден проект. Дека тоа не е вистина Г-дине Трајкоски многу лесно ќе се уверевте ако најдевте малку слободно време и прошетавте низ општината. Ако тоа не можевте да го сторите поради раскопаниот регионален пат, /зло/ “дело” на Вашата власт, ние ќе Ви помогневме да дојдете по заобиколните, од општината изградени патишта. Навистина ако дојдевте немаше да видите ниту едно новоизградено спортско или тениско игралиште или спортски терен, ниту ќе ја видевте новата спортската сала, ниту откупно-дистрибутивниот пункт за земјоделски производи, ниту монтажното училиште во село Волино, сите проекти од Владата на РМ. Но, затоа ќе видевте километри новоизградени општински патишта и улици, новотампонирани полски патишта, нов канализационен систем во село Оровник, нов доводен цевковод во село Волино, реконструиран водовод во село Велмеј, реконструирано училиште во село Требеништа, осветлени плоштади во некои населени места и многу други проекти реализирани од општината. Но, за жал Вие само на два пати дојдовте во општината. Еднаш, кога по партиска нарачка, во својство на овластен инспектор за животна средина му изрековте глоба на општинското јавно претпријатие и сега во предизборната кампања, кога во ноќно доба ги посетувате домовите на нашите граѓани и ветувате “нови дела”, како да сте направиле некои стари дела. Од мракот и заслепеноста од пустата желба за власт пак не можете да ги видите од нашиот градоначалник реализирани дела. Впрочем, за нашиот отчет до граѓаните лесно можевте да се информирате кај Вашите советници од изминатиот мандат, бидејќи сите тие проекти беа поддржани од мнозинството членови на советот на општината. Или да отворевте на веб страницата на Бирото за јавни набавки каде на најтранспарентен начин се објавени сите огласи и склучени договори за јавни набавки за овие проекти.
Сепак, ако Вие не сакате да видите, граѓаните не можете да ги манипулирате. Тие добро знаат кој работи за Дебрца, а кој го кочи нејзиниот развој. Тие секогаш се праведниот судија и тоа уште еднаш ќе го покажат на 24 март.
А, за “братството” за кое импутирате дека постоело во општината. Е, за тоа сте се обратиле на погрешната адреса. Ве советуваме за тоа да се обратите до Вашите партиски ментори. Тие се творците кои македонското општество го претворија во племенско, партиско или фамилијарно братство на дпмневците. Токму тие се оние кои институциите на македонската држава ги ставија во служба единствено на “фамилијата”, на болниот колективитет на партиското братство.
Крајно, велите по локалните избори Дебарца ќе била конечно ослободена. Со тоа само ги потценувате слободарскиот дух и традиции на нејзините граѓани. На Дебарца не и се потребни самонаречени “ослободители”.-стои мешу другото во реакцијата на изборниот штаб на кандидатот за градоначалник на општина Дебарца, Љупчо Којчиноски.