Меѓународен настан „Штафетно нуркање за мир“ (пливање под вода-нуркање на здив) во должина од 25 метри ќе се одржи на Охридското Езеро кај „Старото пристаниште“ (пред х. Палас) на 25 август, понеделник, со почеток во 12 часот по повод одбележувањето на јубилејот 80 години Црвен крст Охрид, а во рамки на овогодинешното издание на фестивалот на водени спортови „Ohrid Water Festival 2025“.

Ги покануваме сите оние кои се психофизички здрави и се чувствуваат способни за учество на овој, единствен настан од ваков вид во светот, со што од Охрид, „Балканскиот Ерусалим“, заеднички ќе испратиме силна порака за мир, почитување и толеранција, велат од Црвен крст Охрид.

Сите заинтересирани од 8-88 годишна возраст, информираат дека можат да се пријават во просториите на Црвен крст Охрид на ул. „Димитар Влахов“ бр. 52 (спроти Гимназија), на телефоните 046 261-909 и 070 315-309 и на е-маил [email protected], најдоцна до 23.08.2025 г.

При штафетното нуркање на здив можат да се користат и помагала (маска, пераи и сл.). Настанот ќе се реализира на посебно подготвена и обележана патека во должина од 25 метри во Охридското Езеро кај „Старото пристаниште“ во Охрид, а како специјален гостин се очекува човекот „амфибија“, 71-годишниот Јане Петков од Сандански, Бугарија, кој своето учество во оваа подводна штафета за мир ќе го направи со нуркање на 25 метри со една рака врзана за телото, посочуваат.

Од Црвен крст Охрид изразуваат надеж и очекување дека истиот ќе биде инспирација и мотивација за младите и возрасните со спортски дела во насока на промоција на здравите животни навики.

OhridNews