Меѓународен настан „Штафетно нуркање за мир“ (пливање под вода-нуркање на здив) во должина од 25 м., ќе се одржи на Градскиот базен „Атина Бојаџи“ во Охрид на 24 август, понеделник, со почеток во 13 часот во организација на Црвен крст Охрид, а во рамки на овогодинешното издание на Фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival 2026.

Ги покануваме сите оние кои се психофизички здрави и се чувствуваат способни за учество на овој, единствен настан од ваков вид во светот, со што од Охрид, „Балканскиот Ерусалим“, заеднички ќе испратиме силна порака за мир, почитување и толеранција, велат од Црвен крст Охрид.

Посочуваат дека сите заинтересирани можат да се пријават во просториите на Црвен крст Охрид на ул. „Димитар Влахов“ бр. 52 (спроти Гимназија), на телефоните 046 261-909 и 070 315-309 и на е-маил [email protected], најдоцна до 22.08.2026 г.

При штафетното нуркање на здив можат да се користат и помагала (маска, пераи и сл.). Настанот ќе се реализира на посебно подготвена и обележана патека во должина од 25 м., на Градскиот базен „Атина Бојаџи“ во Охрид, а како специјален гостин се очекува човекот „амфибија“, 72-годишниот Јане Петков од Сандански, Бугарија, кој своето учество во оваа подводна штафета за мир ќе го направи со нуркање на 25 м. со една рака врзана за телото, додаваат.

Од Црвен крст Охрид изразуваат надеж и очекување дека истиот ќе биде инспирација и мотивација за младите и возрасните преку спортски дела да се промовираат здравите животни навики.

OhridNews