
Во Република Македонија, на годишно ниво, животот во сообраќајни незгоди го губат околу 160 лица, а повеќе од 6000 лица се повредени. Би рекле дека бројките се загрижувачки, но не станува збор за бројки, туку за човечки животи и семејни судбини, велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, кој се приклучи на глобалната кампања за одбележување на 19 ноември, Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
За волја на вистината, сообраќајните незгоди не се само проблем на Република Македонија. Според податоците на Светската здравствена организација, на светско ниво, годишно околу 1.3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони се здобиваат со повреди како последица на сообраќајна незгода. Голем број од загинатите и од повредените се деца и млади. Многумина сообраќајните незгоди со право ги нарекуваат „епидемија“ или „црна чума“ на 21 век. Свесни за овој проблем, Обединетите Нации ја прогласија декадата 2010-2020 како декада за безбедност на сообраќајот на патиштата а третата недела од месец ноември ја прогласија и секоја година се одбележува „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
По повод „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“, 19 ноември, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до сите надлежни институции да ја издигнат безбедноста на сообраќајот на патиштата на врвот на агендата на дејствување, но исто така, апелира до секој поединец – учесник во сообраќајот, да покаже повисоко ниво на свест, одговорност и будност во сообраќајот.
-Да не ги прифаќаме сообраќајните незгоди како нужно зло и да не се доведеме во ситуација да се плашиме да чекориме по улиците, да стравуваме дали децата безбедно ќе стигнат до своите училишта, дали безбедно ќе ја преминат улицата, да не стравуваме од секој нов ден и од она што тој ќе донесе… Секојдневно добиваме впечаток дека возачите, особено младите, не го ценат животот. Без размислување притискаат на педалата за гас, возат пијани, не користат безбедносен појас и се добива впечаток дека ниту казните, ниту црните судбини не допираат до нив.
Денес настрадал еден, утре друг, трети ден – трет… кој знае кој сѐ не. Сите ние сме потенцијални жртви. – педупредуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
РСБСП по повод „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“ порачува: „Секој учесник во сообраќајот да размисли за сопствената одговорност за тоа што ни се случува во сообраќајот и да се праша дали со својот начин на однесување во сообраќајот може да го загрози сопствениот живот или пак до го загрози или повреди животот на некој друг.
OhridNews











