Владејачката ВМРО ДПМНЕ, која победи на предвремените парламентарни избори, на почетокот од кампањата, која традиционално започнува во Охрид, вети реализација на нови 1200 проекти во наредните 4 години. Лидерот на партијата, Никола Груевски, најави меѓу другото, зголемување на пензиите за една третина и на платите во јавниот сектор за најмалку 22 проценти, но и бројни проекти за Охрид.

Груевски веднаш по изборите вети дека ќе го намали ДДВ-то за туристички услуги од 18 на 5 проценти, како и отворање на туристички зони во градот каде по примерот на слободните економски зони ќе се овозможи изградба на хотели, промоција на Охрид во 7 европски главни градови и на најгледаните телевизии и најчитани весници во светот. Во 2013 година, рече Груевски, ќе започне изградба на магистрален пат од Косел до Св. Наум во должина од 39 километри вреден 70 милиони евра, како и изградба на автопат од Охрид до Гостивар, 3 нови училишни спортски сали, затворен базен, нови авионски линии на реновираниот аеродром „Св. Апостол Павле“, возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник и целосна илуминација на црквата Св. Јован Канео и на други вредни историски објекти, изградба на пречистителни станици на Охридското Езеро, воспоставување на бродска линија Охрид-Поградец, завршување на реконструкцијата на општата болница и нејзино опремување, изградба на Здравствениот дом во Охрид, нови пешачки патеки и хортикултурно уредување околу езерото, изградба на нови социјални станови…

Останува да се види дали и  со кое темпо ќе се реализираат дадените ветувања, дотолку повеќе што за тоа ќе биде потребна соработка помеѓу централната власт на ВМРО ДПМНЕ и локалната на СДСМ, која е силен критичар на Владата, особено во делот на децентрализацијата каде Охрид сеуште е заглавен во првата фаза.

OhridNews