Пред празникот на Крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан – Богојавление, Водици, Црквата се подготвува за големото торжество што ја очекува следниот ден. Поради важноста на јавувањето на Света Троица во водите Јордански, овој ден е наречен Навечерие на Богојавление (Водокрст, Водопост), и за него е определен еднодневен пост, како воведение во празникот на Просветлението. Мерата на постот за верниците, како и за останатите пости, се определува индивидуално, по силите на верникот и по благослов на духовникот, а во склад со Преданието.
На овој ден се богослужат Царски часови, како и голема вечерна со Василиева Литургија.

Крстот ќе биде положен во Езерото во 10 часот
Богослужбите во охридските парохиски цркви на 19 јануари, недела, ќе почнат во 7 часот наутро. Годинава свети литургии со почеток во 8:15ч. ќе се одржат во четири парохиски цркви; Успение на Пресвета Богородица – Каменско, Св. Никола – Геракомија, Св. Никола – Долна Влашка Мала и Св. Георгија – Горна Влашка Мала. Литиите кон градското пристаниште ќе се упати во 9:45 часот. Богојавленскиот водосвет на Охридското Езерое се одржи во во 10:00 часот на градското пристаниште, по што Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј ќе го положи чесниот крст во осветените води.

Точно напладне, пак, кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи и традиционалното свето крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат.
За богојавленските празници во Охрид предвидена е богата културно – забавна програма. За Водици на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе настапа Елена Велевска и младата и талентирана Елена Андоновска. На денот на рибарите, 20 јануари, на Сараиште настап ќе има Охридскиот музички еснаф.

Безбедносни мерки
Градот деновиве интензивно се подготвува за празнувањето на Водици. Нуркачите го исчистија дното на езерото кај пристаништето каде верниците ќе пливаат по крстот, направен е безбедносен протокол во вода и на копно, украсени се пристаништето и центарот на Охрид, а предвидени се и соодветни безбедносни мерки кои ќе бидат на сила за време на празникот.

Како изгледа чесниот крст под вода?
Култот кон Водици во Охрид е голем. Во секакви времиња охриѓани наоѓале начин да ја продолжат традицијата. Крстот се фрлал тајно, некогаш во езерото, некогаш во црква, а денес тоа се прави свечено на цело Охридското Езеро.
Познатиот охридски фотограф Емил Јовановиќ кој со децении ги следи богојавленските празници во Охрид пред празникот под вода го фотографираше дрвениот богојавленски крст кој со децении се положува во езерото. Крстот минатата година се скрши, но благодарение на охридскиот копаничар Кочо Аиноски тој е поправен и подготвен за верската манифестација.

Што славиме на Водици?
Празникот Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици, е востановен во спомен на Христовото крштевање. Споменот се однесува на 6-ти Јануари (19-ти според Јулијанскиот календар) по традицијата која вели дека Спасителот се крсти тој ден и во согласност со евангелието кое кажува дека Господ се крстил кога имал околу 30 години, односно околу Божиќ.
Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.
Постои благочестиво предание на овој и утрешниот ден со осветената вода да се попрскаат домовите на верниците, пеејќи го тропарот на Богојавление. Оваа вода се користи преку целата година, за по нејзината сила здравите да се укрепат, болните да се исцелат, демоните да се изгонат, непријателите да се одвратат и секое добро од Бога да се добие.
Пренос во живо на Охридњуз
Традиционално чинот на положување на чесниот крст во осветените води на Охридското Езеро ќе може да се проследи на платформите на Охридњуз.
Г. Момироски
Фото: Емил Јовановиќ/ Анамарија Момироска












