Три години по затворањето на амбулантата на специјалистот за семејна медицина д-р Каќа Симоноска во селото Пештани, поради неможност истата да биде прогласена за рурална, државата со огласот распишан неодамна од министертвото и фондот за здравство, предвидува отворање примарна здравствена установа во истото населено место која ќе биде субвенционирана со буџетски средства. Д-р Симоноска вели дека седум години била одбивана од државата нејзината амбуланта да биде прогласена за рурална, поради што таа била приморана да замине од Пештани. Зачудена е од ваквата одлука и прашува што тоа се променило преку ноќ за да може во Пештани да функционира рурална амбуланта.
-Ми беа кажани некои критериуми дека таа амбуланта никогаш не може да биде прогласена за рурално подрачје затоа што селото требало да има помалку од 800 жители, односно да е оддалечено најмалку 5 километри од првата здравствена институција, а кардиолошкиот завод е на 3 километри од Пештани, односно да биде 15 километри подалеку од брза помош, а Пештани е оддалечено 12 километри од станицата за брза помош во Охрид. – објаснува д-р Симоноска.
Д-р Симоноска амбулантата во Пештани ја опслужувала од 2007 до 2013. Објектот целосно самата го реновирала за што не добила никаква помош ниту од државата ниту од поранешната локална самоуправа на Охрид. „Откажувајќи се од таа амбуланта испаѓа дека јас сум била неспособна и не сум успеала како лекар, но бев оставена сама на себе без никаква поддршка“.- резигнирано додава д-р Симоноска.
-Тие седум години амбулантата работеше со полн тим, доктор и сестра, опремена со сета опрема дозволена за примарна здравствена дејност, со полно работно време и со посети два пати неделно во селата Љубаништа и Трпејца, значи истите услови кои сега ги бара Министерството за здравство. Јас тоа го правев на свој трошок сама без ничија поддршка. Одев таму со сопствено возило, со сопствено гориво и сите пропратни трошоци. Работев верувале или не за 40.000 денари вкупна капитација од Фондот за здравствено осигурување, со која морав да ги покријам сите трошоци за амбулантата, да извадам две плати со придонеси и да ги покријам трошоците за возилото и за горивото, нешто што мислам дека е невозможно, но тоа никој во тоа време не сакаше да го разбере и да помогне. – рече д-р Симоноска.
Сега со огласот за рурални амбуланти државата најавува субвенции од минимум 66.000 денари, а на лекарот му се дава можност 24 месеци да не ангажира помошен медицински персонал, што според д-р Симоноска, е исклучителен ризик кој може катастрофално да се одрази по здравјето на пациентите.
–Јас сум специјалист по семејна медицина и стојам на ставот дека за да функционира една амбуланта треба комплетен тим. Имам десетгодишно искуство на работа во брза помош и знам што значи еден итен случај, дури тогаш и еден лекар и сестра се малку. Мислам дека ќе биде голема храброст да работи само еден лекар без сестра. Опасности има многу, тргнувајќи од тоа дека во лето чести се каснувањата од инсекти и алергиски реакции, инсулти, инфаркти, каде што лекарот мора да го гледа пациентот и да ги следи виталните параметри кај него и нема време да подготвува ампуларна терапија, да бара вена, да дава терапија и од тие причини сметам дека е голема храброст било кој лекар да работи сам. – додава д-р Симоноска.
Според д-р Симоноска чудно е што како единствен критериум за отворање амбуланта во рурална средина лекарот треба само да поседува лиценца и да има положено државен испит, посочувајќи дека дејноста ќе се врши во специфична средина, каде медицинскиот персонал исклучиво ќе може да се потпре на своето знаење и искуство.
Горан Момироски