Д-р Никола Бакрачески, кој синоќа прогласи победа на локалните избори за градоначалник на Охрид уште во првиот круг, во текот на изборната кампња прецизно ги елаборираше проектите од амбициозната програма која вети дека ќе ја реализира доколку ја добие поддршката од граѓаните.Тој тстакна дека програмата е одраз на потребите на граѓаните, посочувајќи дека во нејзината изработка учествувале еминентни експерти од земјава и странство и биле користени позитивни искуства од европски градови.
-Нејзини стратешки цели се економски раст и развој на општината, креирање на значителен број нови работни места и пораст на стандардот на населението, унапредување и развој на туризмот, јакнење на спортот и култура и интензивирање на меѓународната соработка на градот. Во функција на локален економски развој, ќе формираме слободна економска зона во границите на општината и ќе дадеме поддршка на малите и средни претпријатија, ќе создадеме инфраструктурни услови и ќе ги помогнеме идните инвеститори во овааа зона со намалување и ослободување од комуналии, со што ќе го поттикнеме економскиот раст на општината и ќе обезбедиме значителен број нови вработувања.-рече Бакрачески.

Д-р Никола Бакрачески
Тој најави организација на манифестација Денови на охридската и македонската дијаспора, како и формирање општински економски совет со цел креирање иницијативи и планови за развој на градот. Бакрачески вети подобрување на условите за образование, изградба на современ студентски комплекс, формирање средно музичко и ликовно училиште и проекти за стипендирање на талентираните ученици. Посебен акцент ќе биде ставен на развој на спортот, ќе се изгради современ олимписки базен како и спортски игралишта , а ќе се формира и спортска академија и локален младински совет, додаде Бакрачески.
Новиот градоначалник најави и современ пристап во презентацијата на туристичката понуда на градот.
-Во насока на информатичкиот развој, преку изградба и надградба на туристичкиот информатор, ќе овозможиме побрзо и поефикасно електронско букирање на хотелско – угостителските објекти и приватното сместување. Електронското поврзување на општината, полицијата и објектите за сместување ќе овозможат елекртронска наплата на туристичка такса од страна на институциите, истакна Бакрачески.
Тој вети воспоставување ред во сферата на урбанизмот, заштита на животната средина и инвестиции за изградба на капитални објекти како што се модерна автобуска станица, катни гаражи, затворен зелен пазар, пристаништа, марина…
Сега на ред се дела.











