Судските работници го ставија во мирување речиси двомесечниот штрајк. Оваа одлука ја донесоа УПОЗ, Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани и Здружението на судска администрација-ЗСА.

„Според Законот за судовите, според кој годишните одмори започнуваат од 15 јули и траат до 15 август, за кој период се извршуваат само нужни работи, помалку отколку за време на штрајк, УПОЗ и ЗСА одлучија дека во овој период штрајкот ќе мирува. Но, тоа не значи дека прекинува, и датумот на неговото продолжување ќе биде дополнително утврден“, се вели во денешното соопштение на УПОЗ и на ЗСА.

Се додава дека доколку штрајкувачите во меѓувреме се соочуваат со притисоци и закани од судската власт, штрајкот веднаш ќе се активира и ќе продолжи со поголем интензитет.

На последниот состанок меѓу УПОЗ и ЗСА, како што информираат, било констатирано дека судската и извршната власт и понатаму се незаинтересирани за дијалог и за наоѓање решение за барањата на штрајкувачите.

„Судската и извршната власт со својот игнорантски однос кон штрајкот и барањата на штрајкувачите во изминатите 58 дена, како и со незаконското казнување со намалување на нивните плати од 40 отсто, создадоа невиден хаос во судовите и сакаат да предизвикаат поделеност, со цел да го скршат штрајкот“, се вели во соопштението.

OhridNews
Извор:„Утрински Весник“