Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, во среда, во СЦ Борис Трајковски ќе го одиграат натпреварот од второто коло во АБА лигата.


Противник на македонскиот првак ќе биде екипата на Широки, која на стартот од регионалното натпреварување загуби на домашен терен од Игокеа.

Спротивно од противникот МЗТ во натпреварот влегува по победата над Цибона во Загреб.

„Победата над Цибона треба да биде заборавена. Сега не очекува еден тежок противник, не се екипа од рангот на Цибона, но се работи за силен колектив, кој минатата сезона беше петти во АБА лигата. Немаат атрактивни поединци, но како колектив се посилни од Цибона“, рече тренерот на МЗТ Александар Тодоров.

Стратегот на МЗТ посочи на тројца играчи околу кои се врти играта на Широки.

„Широки е екипа која игра колективна кошарка, тројца играчи се издвојуваат, бекот Шутало и високите играчи Шакиќ и Планиниќ. Нападот се гради за нив, останатите се сервисен дел за овие тројца во нападот. Играат добра одбрана со многу добра транзиција. Наша задача ќе биде да ги сопреме овие тројца играчи за полесно да ги градиме нашите напади“.

Тодоров и за овој натпревар има проблеми со здравствениот билтен кај високите играчи, Кирил Николовски се уште не се рехабилитирал од повредата, а на натпреварот со Цибона со повреда на скочниот зглоб се здоби најискусниот Тодор Гечевски.

„Препорака на лекарскиот тим е Тоше да не игра на овој натпревар, додека Кире за една недела ќе биде целосно подготвен. Еден од нив сигурно ќе игра во среда“, вели Тодоров.

На прес конференцијата на јавноста и беше претставен и Борис Бакиќ, кој во петокот потпиша договор со МЗТ, а веќе утре  ќе дебитира во новиот клуб.

„Знам каде дојдов и чии дрес ќе го носам, МЗТ е еден од најдобрите македонски клубови. Мечот со Широки ќе биде тежок и неизвесен, без разлика што тие оваа сезона се послаби од лани“, рече Бакиќ.

Натпреварот МЗТ-Широки ќе се одигра во среда со почеток во 20:15 часот.

“макфакс“
Ohridnews