На десетина дена до почетокот на Европското Првенство во Србија, македонскиот селектор Звонко Шундовски почна со кратење на списокот од ракометари на чии услуги ќе смета за претстојниот континентален шампионат. На скратениот список од 18 ракометари не се најде место за крилото на Металург, Гоце Георгиевски, кој ќе им се врати на клупските обврски и ќе му се стави на располагање на тренерот Лино Червар.
 

“Логично е на десетина дена до почетокот на шампионатот да се скрати списокот. Конечната листа со ракометари кои што ќе настапат на Европското Првенство ќе ја доставам по пријателскиот меч со Србија, дотогаш ќе тренираат овие 18 ракометари“ – изјави селекторот Шундовски.
 
Подготовките на националниот тим течат во најдобар ред, а стручниот штаб се уште е во исчекување дали на шампионатот во Србија ќе може да смета на еден од најискусните, пикерот Ванчо Димовски, кој поради повреда во последните седум дена не тренираше со останатиот дел од тимот.
 

Имавме разговор со лекарите, кои ни соопштија дека на 10 јануари ќе има снимање на повредата, по што ќе биде јасно дали Димовски ќе може да настапи на ова Европско Првенство. Што се однесува до подготовките, тренинзите течат во најдобар ред, поголем акцент се става на тактичките детали во однос на Златибор, кога се имавме насочено кон зголемување на физичката подготвеност на ракометарите. Во третата и последна фаза ќе извршиме и детален скаутинг на противниците и тогаш ќе работиме исклучиво на тактички план и на воигрување на акциите“ – истакнува Шундовски.

Извор “Екипа“

Ohridnews