Македонската ракометна репрезентација на 21. декември ги започна подготовките за претстојното Европско првенство, кое ќе се одржи од 15. до 29. јануари во Србија.

Еуро 2012 кај нашиот северен сосед ќе биде второ учество на континенталните првенства на „црвено-жолтата, репрезентација, првиот настап на европските првенства Македонија го имаше пред 14 години, во Италија. Македонија натпреварите во Б групата ќе ги игра во салата „Чаир“ во Ниш, чии капацитет (5.000 гледачи) ќе биде премал да ги прими македонските навивачи.

Селекторот на Македонија, Звонко Шундовски, за подготовките повика 20 ракометари, но пред стартот на првенството ќе мора да го скрати списокот на 16 имиња. Шундовски во интервју за официјалната интернет страна на Европската ракометна федерација (ЕХФ), потенцира дека голем успех е што Македонија по 14 години повторно е на европските првенства.

Според него, обврска на ракометарите е да играат добро и на секој натпревар да се даде максимумот, и најважното, да се обезбеди пласман во втората фаза.

Што Шундовски очекува од Европското првенство?

„Нормално, пласман во втората фаза, каде ќе играат најдобрите 12 репрезентации, но и да се продолжи учеството на големите ракометни турнири. Добро е да се обезбеди пласман во главната фаза, од каде ќе може да се атакува и за пласман на следното Светско првенство во 2013 година, во Шпанија“.

Шундовски вели дека групата во која се наоѓа Македонија е една од најсилните, каде секој има реални шанси да го победи својот противник.

„Дали Македонија ќе забележи некоја победа останува да видиме, имаме добри шанси за победа и против Шведска, и против Германија и против Чешка. Сите коментираат дека Чешка е најлесниот противник, но тие имаат многу искусни играчи со меѓународно искуство“.

Дали тоа значи дека Македонија е аутсајдер и дали со таква улога ќе биде полесно да се игра?

„Европското е посилно натпреварување од светските првенства, и нашиот тим тука не дојде случајно. Македонија е репрезентација, во која ракометарите заедно играат неколку години. Играчите се зрели, ментално силни, и знаат да се справат со секоја ситуација. Ние сме подготвени и затоа не треба да не потценуваат, подготвени сме за секој предизвик. Не заборавајте, во Ниш ќе играме како да сме во Скопје, пред полни трибини“.

Шундовски одговори и на прашањето дали ќе менува нешто во тактиката, со оглед на тоа дека играта се врти околу Кирил Лазаров.

„Покрај Кирил, Македонија има уште неколку добри индивидуалци, како Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски. Но нашата сила е тимскиот дух, а не во индивидуалните перформанси. Сите тоа го знаат, поединци играат за тимот, а не за себе“.

Македонија како дел од подготовките за Еуро 2012, во вторникот ја совлада Црна Гора со 40:33, а по Нова година ќе одигра контролен меч и со домаќинот на шампионатот Србија.

извор “Макфакс