Во таборот на македонскиот национален тим не владее преголемо разочарување по поразот од 26-23 од Србија во последниот контролен натпревар пред почетокот на Европското Првенство што ќе стартува на 15 јануари. Капитенот Кире Лазаров е убеден дека овој меч ја исполнил зацртаната цел – да се увидат грешките во играта со цел истите да бидат отстранети до почетокот на европскиот шампионат и премиерниот натпревар против Шведска.

 
 – За нас овој меч доаѓа како лек на рана, бидејќи немам доволно контролни натпревари во овој период. Видовме некои работи што не интересираат, ги забележавме добрите и лошите работи, имаме доволно време да работиме на корекции во играта во следните шест-седум дена. Знаевме дека за противник имаме добра селекција со екстра-силни поединци од големи клубови ширум Европа. Им честитам на српските ракометари за заслужената победа денеска и им посакувам многу среќа на Европското Првенство“ – изјави Лазаров по вчерашниот пораз.
 
Сличен став како македонскиот капитен има и селекторот на националниот тим, Звонко Шундовски.
 
 – Им честитам на Србите за победата. Ние имаме проблеми со пријателските средби и овој дуел навистина добро ни дојде. Ова беше практично прв официјален пријателски меч откако се собравме, пробавме неколку различни варијанти, за да видиме до каде се наоѓаме со воигрувањето и на што треба да обрнеме внимание на тренинзите. Имаме доволно време, во следните денови ќе ги исправиме грешките и максимално подготвени ќе влеземе во натпреварите во Ниш“ – истакна Шундовски.

Натпреварот во Смедерево не помина во “пријателската“ атмосфера откако РТС не “фиромизираше“ а на трибините беше развиено грчкото знаме.

извор “Екипа“
Ohridnews