„Резултатот во Гетеборг не е причина да поднесам оставка“, одговори селекторот Звонко Шундовски на прашањето дали ќе си оди по дебаклот на квалификациите за пласман на ЛОИ, пренесува веб порталот mkd.mk

„Непласирањето не е дебакл. Имавме голема шанса, која ја изборивме со извонредниот настап на ЕП во Србија.. Факт е дека таа шанса не ја искористивме. Треба да се напомене и дека игравме во Гетеборг со селекции што ја темпираа формата за овие квалификации, зашто тие претходно го обезбедија настапот во квалификациите. Ние дадовме сè од себе, максимум во тој момент, но физички не бевме на најдобро ниво. Не треба да ги бараме виновниците, вина имаме сите, но во секој случај, во Гетеборг заминавме премногу еуфорично. Треба да ја научиме лекцијата од Гетеборг за да имаме континуитет“, рече Шундовски.

Тој намерно заминал во Гетеборг со истиот тим, зашто верувал во девизата дека „тимот што победува не се менува“.

„Отидов со истиот избор од ЕП, таму се случи најголемиот наш успех. Верувам во нив, но никој од надвор не е избришан, сите подеднакво конкурираат во место на тимот. Исто така тоа зависи од формата во која ќе бидеме во моментот“, рече Шундовски и додаде дека неуспех на квалификациите за СП ќе биде дебакл.

„Ако не одиме на СП, тоа ќе биде дебакл. Австрија е тим со помал рејтинг, шансите се многу поголеми од тие што ги имавме во Гетеборг и тогаш мора да ги искористиме“, соопшти селекторот.

Ohridnews