„Затворање на непрописните депонии, инспекција на веќе постоечките и изградба на нови во согласност со законодавството на Европската Унија“ – е целта на Министерството за животна средина и просторно планирање, истакна ресорниот министер, Абдилаќим Адеми, по повод завршување на проектот „Градење на капацитетите за имплементација на директивата на ЕУ за депонии“, финансиран од Кралството Шведска.

Како што информираат од министерството, спроведени се обуки за Државниот инспекторат за животна средина. Искуството ќе се црпи од шведските експерти, кои заедно со македонските се веќе на терен. Изготвен е и план за затварање на оние депонии, кои не се во согласност со прописите на ЕУ. Исто така, започнат е и надзор на веќе постоечките, а во меѓувреме се изготвува и национална стратегија за одржлив развој на еколошките планови, како и подршка на невладините организации од оваа област.

Инаку, проектот е реализиран во соработка со Шведската агенција за животна средина додека техничката помош е обезбедена од домашните и шведските екперти.

О.Т.