Во организација на амбасадата на Република Македонија во Шведска и  Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, а поддржано од Macedonia Holidays and Tours и Turkish Airlines, 12 тур оператори од Шведска ја посетија Македонија во периодот од 27-ми до 31-ти мај.

Повеќе од триесетина тур-оператори и хотелиери од Македонија изминатата седмица се сретнаа со тур–операторите од Шведска со кои разменија искуства, интереси и контакти за идната соработка помеѓу овие две држави, пренесува „Макфакс“.

„Во Македонија забележително се раздвижува пазарот за туризам, а тоа ме радува. По воспоставувањето на трите директни авионски летови со Шведска, ова е одлична можност за директен влез на Шведскиот пазар со туристи. Среќен сум што одлучивме да ја поддржиме оваа тура, а со тоа и директно од нив да слушнеме за нивните интереси, на кои секако, ќе одговориме доста спремно и сериозно се со цел да ја претставиме Македонија како што треба на идните туристи од Шведска“, рече Дарко Дислиоски, менаџер во туристичката агенција Macedonia Holidays and Tours

Бизнис средби се одржаа во Охрид и Струга а нив ги отворија градоначалниците на овие два града, Никола Бакрачески, односно Зијадин Села.

„Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе продолжи да поддржува вакви фам тури. Имаме набиена агенда на посети на тур-оператори, и ќе имаме полни раце работа во претстојниот период. Дадовме се од себе за посетата на Шведските тур оператори да биде незаборавна, а работата и понатаму продолжува со забрзано темпо, сето тоа со цел да следната година ни стигнат првите организирани тури од Шведска“, рече Маја Глигоровска, портпарол на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Турата на Шведските тур-оператори траеше пет дена, во кои вклучени беа посетата на Скопје, Охрид, Струга, Битола, Демир Капија и други делови од Западна и Централна Македонија.

OhridNews
извор:„Макфакс“