Не смееме веќе да оддолжуваме и треба овие пет години доверба кои ги добивме од УНЕСКО да ги искористиме продуктивно за заштитата на Охридскиот регион. Мораме веднаш да почнеме со најважните чекори преку меѓусебна соработка и на државно, и на локално ниво, и на меѓудржавно ниво, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по денешната средба со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.
Една од важните причини е како да се соочиме со можноста во овие пет години да ја искористиме довербата и шансата што ни е доверена од УНЕСКО. Градоначалникот на Струга има тука многу важна улога, како и градоначалникот на Охрид, Министерството за култура, но и другите министерства, односно државата. Не можеме тука без соработка да направиме нешто што е неопходно, да си го заштитиме и регионот, и Струга, и Охрид, ама и статусот, бидејќи многу значи, истакна Сиљановска-Давкова.
Неопходната е, вели, и соработка со Албанија, посочувајќи на чекорите и радикалните мерки кои ги има преземено.
Мислам дека голем мост може да биде токму обединувањето на сите сили околу заштитата. Не велам јас исполнувањето на обврските што ги добивме од УНЕСКО, тоа е наша должност кон природното богатство, кон урбаното наследство, оти тоа нè прави познати, а на крајот и ни го разубавува животот. Имам надеж по идеите што ги чув, кои би биле најважните чекори, зошто не смееме веќе да одолжуваме, мораме веднаш да почнеме, и тоа веднаш се однесува и на градоначалникот на Охрид, ама се однесува и на државните органи. Да видиме дали тоа ќе биде агенција, како што направи Албанија, или каков орган на соработка, но не смееме да губиме време. Зошто и езерото има потреба од наше разбирање, од наша помош, бидејќи ние сме тие кои го загрозивме, а не тоа нас, напротив тоа сè уште ни помага. Значи, и меѓу себе, и на државно, и на локално ниво, и на меѓудржавно ниво, за навистина овие пет години да ги искористиме продуктивно и да оставиме нешто во наследство што сме го добиле од претходните генерации, додаде Сиљановска-Давкова.

Разговаравме и за други теми што беа многу важни за соживотот во Општина Струга, Рамковниот договор кој е еден начин за соживот во Македонија. Веќе имаме нова ера, нова страница, дека овде се живее добро, се живее заедно, се слави заедно и во спортот, и во културата, кои се можности за добар заеднички живот во Струга, рече Ќура.
Сиљановска-Давкова додаде дека Струга важи за град што помирува и почитува етнички, верски и секакви разлики, град кој може да биде пример за соживот.
Н.С.Ј.













