Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова приреди традиционален годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор во Охрид.

Во обраќањето, таа ја истакна важноста на културната, економската, спортската и научната, покрај традиционалната дипломатија. Според претседателката, дипломатијата не е само збир на протоколарни активности, туку докажан цивилизациски механизам којшто успева истовремено да урива ѕидови и да гради мостови.

Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје, рече Сиљановска-Давкова и додаде дека лично, повеќе верува во силата на аргументот, отколку во аргументот на силата.

На македонските граѓани, посочи Давкова, без оглед на припадноста им треба правна држава, држава со силни институции и почитувани процедури, со Веберова администрација што служи, а не владее, со млади како вреден социјален капитал, а не како статистичка бројка на иселување, со дијаспората како второ крило на татковината.

За нас, како и за сите, идентитетот не е аргумент против ЕУ, туку аргумент за ЕУ, затоа што Европа е богата токму поради својата различност. Ние можеме да бидеме и Homo Balkanicus и Homo Europicus: кога сакаме и кога вие сакате. Но, за тоа ни треба заедничка волја: не само нашата, туку и соседската, регионалната и европската. Проширувањето не е тест само за кандидатите, туку и за европскиот демократски капацитет и кредибилност. Ако правилата важат различно, тогаш тие се инструмент на политичка арбитрарност. Конечно, Западниот Балкан не е проблем на апсорпциониот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство, рече Давкова.

Потенцираше дека добрососедството не смее да биде алиби за блокада и дијалогот не смее да се претвори во инструмент за условување.

Европскиот процес не смее да се претвори во арена во која билатералното ќе го диктира европското. Мора да учиме лекции од искуството што го имаме за да не инспирираме и предизвикаме во иднина слично однесување на секој што ќе влезе во Европската Унија кон кандидатите за кандидати, пишувајќи тажни балкански приказни. Ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го „редефинира“ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост, додаде Давкова.

Доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, во своето обраќање на приемот, во име на сите амбасадори изрази благодарност до претседателката за нејзината политика на отворени врати и континуирано пријателство со дипломатската заедница.

Истакнувајќи дека во нашата земја, дипломатите препознаваат доверлив и конструктивен партнер, амбасадорот Јаќимовиќ рече дека меѓународната заедница особено ја цени државната посветеност на регионалната соработка, на добрите меѓусоседски односи и на ангажманот на меѓународната сцена.

Пред присутните, тој потенцираше дека дипломатскиот кор и натаму посветено ќе ги исполнува своите должности, согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, градејќи цврсти мостови на пријателство, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

OhridNews