На 8 Декември го чествуваме Свети Климент Охридски, нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј. Споменот за охридскиот светител е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на сето словенство. Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, што се одржа синоќа во Скопје.
Освен со својот живот, охридскиот Златоуст ги ширел доблестите и со своите слова. Постојано ги поучувал луѓето дека милостивите ќе бидат помилувани и дека треба меѓу себе да се почитуваат „со смирение, нелицемерно и со вистинска љубов“.
Тој ги вкоренувал овие вредности во брутално време на голема неизвесност, кога животот на обичниот човек бил осамен, суров и краток, кога луѓето биле оставени на милост и на немилост на локалните моќници. Токму кога е најтешко, добрите навики фаќаат најдлабок корен.
Затоа, овие две доблести, коишто не се само христијански, туку општочовечки и заеднички за многу религии, се темелот врз кои е издигнато најголемото и најтрајно Светиклиментово дело, истакна Претседателката.
Охридската книжевна школа едуцирала 3 500 ученици кои станале учители на словенските народи. Од нејзините препишувачки центри произлегле раскошни ракописи коишто како временски капсули сведочат за континуитетот на македонскиот јазик, потсети Сиљановска – Давкова.
Охридската архиепископија, освен духовно засолниште за народот, станала и заштитничка на уметниците. Под нејзина закрила славните неимари го хуманизирале просторот, градејќи во симбиоза со природата, а не наспроти неа. Генијалните зографи, ослободени од стегите на конвенциите, станале предвесници на ренесансата. Вештите резбари во дрво ги оживеале библиските сцени.
Не треба да заборавиме дека овие трајни вредности коишто оставиле печат врз европската цивилизација, се всушност плод на живот исполнет со смирение пред Бога и милост кон луѓето. И токму затоа опстанале 11 века, надживувајќи империи, династии, системи и идеологии, посочи Сиљановска-Давкова.
Таа забележа дека малку од Светиклиментовите вредности ќе препознаеме во реалниот живот и секојдневието, алудирајќи на состојбите во општеството.
Пред нас е голема задача: да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентовото време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро, рече Сиљановска-Давкова.
На свечената академија се обратија и поглаварот на Македонската правоиславна црква – Охридска архиепископја г.г. Стефан и истакнатиот македонски писател и почесен член на МАНУ Венко Андоновски.
Г.М.
















