По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии е апсурдно. Ние имаме декларација и тоа не само една, туку неколку декларации сме донеле во Собранието и не беа почитувани, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денес во Охрид одговарајќи на новинарско прашање во врска со предлогот на опозицијата за декларација со црвени линии за евроинтеграциите.
Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите. Да ќе ги прекинеме преговорите и тоа му одговара на соседот, ама ќе го смениме Уставот по 37-ми пат. Апсолутно нема потреба од такво нешто, рече Сиљановска-Давкова.
Најважно е, вели, политичките партии пред да даваат изјави во Брисел да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор.
Ако така се однесуваа по средбата на која сите и се израдувавме во Владата, мислам дека и ЕУ поинаку ќе се однесуваше. Ако и лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваа во еден глас дека мислиме вака и вака, дека ова е најдобро решение, сигурно поинаку ќе се однесуваа кон нас. Ама да слушате аргументација – предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Одговорно тврдам дека првиот човек на Европската унија Кошта за измените со одложено дејство рече дека се извонреден потег. Зарем мисли некој дека ние ќе предложиме уставни измени со одложено дејство ако за тоа нема уставен основ. Па и првите уставни измени беа со одложено дејство, па и последните Преспанските беа со одложено дејство, истакна Сиљановска-Давкова.
Дејството, вели, се определува со Уставен закон и посочува дека и првиот Уставен закон што го донесовме во 1991 година за спроведување на уставот беше дека Уставот стапува во сила во моментот на донесувањето освен ако со Уставен закон не е поинаку определено.
Тоа ми е е мене чудно. Но, уште почудно ми е второто тврдење пред побараа да се почитуваат пресудите на Судот во Стразбур, но и тоа не им го прифатија. Јас ја прашувам цела Европа, зошто ни е Судот во Стразбур ако неговите пресуди неважат за сите држави. Јас мислев дека пресудите на Судот се конечни и извршни и важат за сите држави. Какви се тие пресуди кои не важат, каков е тој суд чии пресуди не важат, праша Сиљановска-Давкова.
Крајно време е, посочи, да седнат сите да се договорат како ќе настапуваат надвор.
Зборуваме за нас, за најинтериот, највисокиот акт Уставот во кој пишува дека предлагач на уставните измени може да бидат 150 илјади граѓани, Владата и претседателот на државата, не читам јас Европската Унија и соседите, така е со сите устави, потенцираше Сиљановска-Давкова.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска