Не смееме веќе да оддолжуваме и треба овие пет години доверба кои ги добивме од УНЕСКО да ги искористиме продуктивно за заштитата на Охридскиот регион. Мораме веднаш да почнеме со најважните чекори преку меѓусебна соработка и на државно, и на локално ниво, и на меѓудржавно ниво, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по денешната средба со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.

Една од важните причини е како да се соочиме со можноста во овие пет години да ја искористиме довербата и шансата што ни е доверена од УНЕСКО. Градоначалникот на Струга има тука многу важна улога, како и градоначалникот на Охрид,  Министерството за култура, но и другите министерства, односно државата. ​Не можеме тука без соработка да направиме нешто што е неопходно, да си го заштитиме и регионот, и Струга, и Охрид, ама и статусот, бидејќи многу значи, истакна Сиљановска-Давкова.

Неопходната е, вели, и соработка со Албанија, посочувајќи на чекорите и радикалните мерки кои ги има преземено.

​Мислам дека голем мост може да биде токму обединувањето на сите сили околу заштитата. Не велам јас исполнувањето на обврските што ги добивме од УНЕСКО, тоа е наша должност кон природното богатство, кон урбаното наследство, оти тоа нè прави познати, а на крајот и ни го разубавува животот. Имам надеж по идеите што ги чув, кои би биле најважните чекори, зошто не смееме веќе да одолжуваме, мораме веднаш да почнеме, и тоа веднаш се однесува и на градоначалникот на Охрид, ама се однесува и на државните органи. Да видиме дали тоа ќе биде агенција, како што направи Албанија, или каков орган на соработка, но не смееме да губиме време. Зошто и езерото има потреба од наше разбирање, од наша помош, бидејќи ние сме тие кои го загрозивме, а не тоа нас, напротив тоа сè уште ни помага. Значи, и меѓу себе, и на државно, и на локално ниво, и на меѓудржавно ниво, за навистина овие пет години да ги искористиме продуктивно и да оставиме нешто во наследство што сме го добиле од претходните генерации, додаде Сиљановска-Давкова.

Градоначалникот на Општина Струга, Ќура истакна дека разговарале како во овие пет години да ги решат проблемите, односно насоките од УНЕСКО  да бидат спроведени како што треба.

Разговаравме и за други теми што беа многу важни за соживотот во Општина Струга, Рамковниот договор кој е еден начин за соживот во Македонија. Веќе имаме нова ера, нова страница, дека овде се живее добро, се живее заедно, се слави заедно и во спортот, и во културата, кои се можности за добар заеднички живот во Струга, рече Ќура.

Сиљановска-Давкова додаде дека Струга важи за град што помирува и почитува етнички, верски и секакви разлики, град кој може да биде пример за соживот.

Н.С.Ј.