И овие локални избори во Македонија покажаа дека кај нас се уште постојат трендови луѓе кои живеат и гласаат во други држави да одлучуваат за изборите и тука, што е непознат демократски феномен. Ова го изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по гласањето на вториот круг од локалните избори.

Во европските држави на локални избори гласаат само луѓе кои имаат постојано живеалиште во општината. Значи, денот и ноќта го поминуваат таму. На локални избори не гласаат луѓе кои според логиката на пописните правила се евидентираат во тие земји. Зошто? Бидејќи тие гласаат таму – таму кадешто живеат, таму кадешто плаќаат даноци, таму кадешто им одат децата на училиште, таму кадешто тие работат, таму и гласаат. Ние имаме еден парадокс – да дојдат за еден час луѓе кои веќе гласале во Австрија, во Франција, во Швајцарија и да ги изберат градоналниците и советниците. Можете да проверите, тоа е непознат демократски феномен, рече Сиљаноска Давкова.

Прашана за отсуството на жени на изборните листи, таа оцени дека и покрај поедноставената постапка, сепак повторно се кандидирале многу малку жени, а причините се веројатно повеќе.

Прво, изненадувањето. Одеднаш се соочувате со можност сами да се кандидирате со два потписи. Ние сме одговорни суштества и секогаш размислуваме дали сме ние најдоброто решение, дали ќе можеме да одговориме на овој предизвик, особено ако не сме поддржани од луѓе кои ни веруваат. Тоа е првото. Второто е врзано со политичката култура. Веројатно, се уште има силни елементи на, за жал, патријахална и парохијална политичка култура, па ние размислуваме на тој начин дека, можеби, не сме најдобрите. Значи, овој инцидент со отсуството на член заради одлуката на Уставниот суд, што ќе го регулира кандидирањето, покажа и докажа дека и во нас жените има сериозен проблем. Јас не велам дека е тоа недоверба во себе, туку мислам дека е врзано за фактот дека сме ние поодговорни, бидејќи имаме потежок пат во животот, секогаш имаме дилеми, најлесно одлучуваат оние кои не размислуваат или мислат дека по природата се надарени да бидат изворедни политичари, пратеници, советници, градоначалници и така натаму. Но, мислам дека оваа лекција треба добро да ја научиме за да ги смениме работите, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката лочекува по завршувањето на изборите градоначалниците и советниците да се фрлат на работа.

Г.М.